Skip to main content
Bild
konferencija

Бизнис акцелераторот УКИМ, преку онлајн конференција, ја промовираше својата првата инвестиција од 100.000 евра во македонската старт ап компанија Елевејт глобал. На промоцијата присуствуваа Фатмир Битиќи, Заменик на претседателот на Владата на РСМ задолжен за економски прашања, Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој, Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ, Александар Стамболиев од Акцелератор УКИМ и директорот на компанијата Елевејт глобал, Ѓорѓи Маџаров.

Стамболиев ги повика сите учесници да се пријават на отворениот повик за апликации за поддршка на Акцелераторот УКИМ. Според него, поддршката од БАУ вклучува инвестиции во рана фаза и прилагодени програми за поддршка на бизнисот, вклучувајќи менторство и пристап до меѓународни пазари, фондови, мрежи и заедници. На располагање се целокупното искуство и ресурси на нашите основачи: УКИМ-ИНОФЕИТ, Развојната фондација Кримсон, Друштвото за ревизија РСМ и фондацијата проф. д-р Димитар Стамболиев, кои заедно во соработка со повеќе од 3000 професори од најстариот универзитет во Македонија, 25 ментори – успешни Македонци во светот претставени преку Обединетата Македонска Дијаспора и нашите меѓународни партнери можат Ви помогнат да го остварите својот бизнис потенцијал.

Директорот на Елевејт глобал, Маџаров, ја раскажа својата успешна приказна од стартот до решение подготвено за пласирање на светскиот пазар. Вицепремиерот говореше за поддршката од државата, Петров за континуираната поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој, додека ректорот Јанкуловски говореше за придонесот на академската заедница во развојот на старт ап пазарот.

Бизнис Акцелераторот УКИМ ќе додели две транши на Елевејт глобал: иницијална инвестиција во износ од €25,000 и последователна инвестиција од €75,000. Исто така, БАУ ќе обезбеди и континуирана дополнителна поддршка во менторство на тимот на Елевејт Глобал и поддршка при освојување нови пазари. Средствата остварени од инвестицијата на БАУ ќе помогнат на Елевејт Глобал во нивното тековно работење, маркетинг и развој на бизнисот“.