Skip to main content
Bild
куки

Караван за зелена економија, во текот на вчерашниот ден, го обиколи скопскиот регион, во организација на регионалниот проект „Вмрежување и застапување за зелена економија“, финансиран од ЕУ. Караванот, на кој присуствуваа повеќе од 30 претставници на граѓански организации, направи неколку запирања во скопската околина, за да ги запознае учесниците со примери на зелено претприемништво.

Прва станица беше во општина Сопиште помеѓу селото Нова Брезница и браната Козјак во местото Рудина, каде Караванот ги посети АПИ Коморите на пчеларот Ѓорги Златинов. Во АПИ коморите се сместени сандачиња со пчели, од кои се инхалира воздухот, односно се  вдишуваат матичен млеч, полен, нектар, прополис, перга, мед кои благотворно делуваат на луѓе кои имаат респираторни проблеми или алергии. Втората станица беше во с. Јаболце каде учесниците на Караванот ја посетија  локацијата за производство на биохумус со помош на калифорниски црви. Ова поизводство го организира здружението на граѓани за социјален и економски развој Ин Виво, кое воедно промовира и развива модели на социјално претприемништво и спроведува активности за соодветна инклузија на ранливи категории на лица. Потоа караванот продолжи во Јавна Соба каде своите производи  ги промовираа Оммо Бајк Станд кои користат употребени печатени реклами од билборди и печатени церади и вршат нивна пренамена во торби за велосипеди (бисаѓи), како и „Една прави“ - социјално претпријатие кое нуди високо квалитетна, органска и јадлива козметика, со чија продажба и изработка се зајакнуваат самохраните мајки од организацијата „Една може“.